Првичните анализи на примероците на вода кои се анализирани во хемиската и микробиолошката анализа на Центар за јавно здравје Охрид, на 1- ви и 2- ри февруари покажаа дека состојбата со квалитетот на вода во градскиот водовод во Охрид ги задоволува законските стандарди за безбедна вода за пиење.
– Примероците на вода земени на 2- ри февруари од селата во Дебарца кои имаат сопствен водовод (Сливово, Слатино, Издеглавје, Песочан, Велмеј, Лешани, Белчишта, Ботун, Мешеишта, Подмоље) покажаа недостаток на дезинфекционо средство, а водата од селата Сливово, Сливово-извор, Издеглавје-извор и Подмоље беше со зголемена матност над максимално дозволените граници, информира директорот на охридскиот Центар за јавно здравје, Атанаско Михаилов.
Анализата на дел од примероците на вода земени од градскиот водовод во Струга и селските водоводи во селата Мислешево, Мороишта, бензиската станица Макпетрол, селото Калишта покажале отсуство на дезинфекционо средство, а примероците на вода од Мороишта и Калишта покажале микробиолошко загадување.
Примероци на вода од селата приклучени на градски водовод земени на 2- ри февруари покажале дека концентрацијата на дезинфекционо средство е под минимално дозволената во селата Мислешево, Долно Татеши и Радолишта. Зголемена матност имало во водата од Мороишта и Радолишта. Во тек се микробиолошките анализи не овие примероци.
– Сите наши извештаи од анализите, навремено се испраЌаат до соодветните инспекциски служби и институции (Агенција за храна, ЦУК) за понатамошно постапување. Според информациите со кои располагаме од Агенцијата за храна издадена е забрана за користење на водата од водоводните системи во селата во струшкиот регион Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта, рече Михаилов.
Центар за јавно здравје е подготвен да изврши и дезинфекција на просторите во куќите-домовите или станбените згради кои беа поплавени, веднаш штом сопствениците го расчистат просторот и се јават во Центар за јавно здравје со барање за дезинфекција.
OhridNews