-Нашите екипи на 18-ти март извршија физичка и хемиска анализа на осум примероци на вода, земени од крајбрежјето на потегот од селото Пештани до населбата Далјан и уште три примероци на вода од пречистителната станица кај Враништа и од делот кај сливот на реката Сатеска во езерото. Анализите покажаа дека најголем дел од примероците се од прва и втора класа, значи одговараат на класификацијата на водите кои може да се користат за капење спорт и рекреација. –изјави д-р Сашо Точко, од Центарот за Јавно здравје од Охрид.
Тој објасни дека сите пунктови од кои е земана вода на испитување се наоѓаат во близина на шахтите и пумпите на Колекторскиот ситем, со цел да се види какви импликации има Колекторот врз водата.
-Водата е од втора класа само во крајбржјето на селото Пештани и во делот кај плажата Куба Либре. Најниска класа на вода од трета и четврта категорија, поради високото присуство на амонијак е регистрирано само кај пречистителната станица во Враништа. Кај сливот на реката Сатеска исто така има мало заматување на водата но истата е хемиски и бактериолошки исправна. –објасни Точко.