Резултатите од микробиолошката анализа на земените примероци на вода од градскиот водовод во Струга покажале дека таа бактериолошки е исправна и во сеобе ги содржи потребните количини на хлор.
-Во водата има хлор во законски определените граници помеѓу 0,2 и 0,5 проценти и во земените мостри не се најдени патогени материи, што значи дека во моментов водата е исправна за употреба, меѓутоа забраната за употреба уште стои затоа што законски треба три последователни води да се земат, да се направат анализи и сите да бидат исправни за да може да се симне забраната којашто беше воведена за употреба на водата за пиење и за готвење. Тоа значи дека водата иако во моментов е исправна таа е забранета за употреба.-изјави Атанаско Михаилов раководител на Регионалниот центар за јавно здравје од Охрид.
Анализите на водата од градскиот водовод ќе продолжат и во наредните денови, а резултатите ќе бидат доставени до надлежниот инспектор за храна, кој доколку се биде во ред треба да донесе решени за симнување на забраната за употреба на водата од струшкиот водовод. Михаилов вели дека доколку водата редовно се хлорира нема да има никави проблеми и ќе биде исправна за употреба. Тој истакна дека на надлежните во Струга им било укажано на проблемите кои биле воочени, додавајќи дека водата за пиење не смее да биде неисправна за да се избегнат несакани последици по здравјето на луѓето.
-Ако се појават патогени организми ние сме должни да ја известиме дирекцијата за храна и тие издаваат забрана за употреба на водата за пиење.-појаснува Михаилов.
Анализите на водата од градскиот водовод во Струга направена минатата недела утврдиле недостаток на хлор и присуство на колиформни бактерии опасни по здравјето на луѓето, по што надлежниот инспекторат донесе забрана за нејзина употреба.
Вчера се одржа координативен состанок на претставници од локалната самоуправа, ЈП Водовод Струга, МЈП Проаква и надлежните институции, на кој биле договорени мерки за надминување на проблемот. Општина Струга воедно од МЈП Проаква побара да бидат обезбедени потребните количини хлор за прочистување на водата, а во случај на повторување на проблемот најави дека ќе преземе законски мерки против одговорните лица.
Г.М.