Завршен е последниот циклус од земањето примероци од езерото за физичко- хемиска и микробиолошка анализа. Во текот на летниот период, односно во периодот од месец мај до август, направени се вкупно 150 анализи.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека во средината на август биле земени околу 30 примероци од површинска вода на потегот од струшкото село Радожда до комплексот Св. Наум. Примероци се земени и од трите реки кои се влеваат во Охридското езеро- Грашница, Коселска и Сатеска река.
– Најголем број од примероците се од прва и втора класа и можат да се користат за капење, спорт и рекреација, додека пак проблемот со трите реки- загадувачи на езерото останува и понатаму, водата е со стандардно лош квалитет, односно од трета, четврта и петта класа. Овие реки и понатаму претставуваат опасност за екосистемот и капачите, вели Сашо Точков од Институтот за јавно здравје.
За испитување земени се примероци и од базените во охридските и струшките хотели, чија анализа покажала дека водата е со добар квалитет и може да се користи за рекреативни цели.
Вршени се постојано контроли и на водата за пиење од Билјанини извори, како и водата од јавните чешми, при што е утврдено дека се со добар квалитет.
Во рамки на комплексот Св. Наум, сите земени примероци покажале дека водата е исправна, освен кај изворите кај црквата Св. Петка каде е утврдено дека постои микробиолошко загадување.
Проблем претставуваат и понатаму селските водоводи, кои не користат дезинфекционо средство, што претставува потенцијална опасност за микробиолошко загадување на тие води.