Микробиолошките анализи што во континуитет ги врши Заводот за здравствена заштита од Охрид покажале дека водата од познатите Билјанини извори  бактериолошки е неисправна и не е погодна за пиење.

„Од јануари до јули оваа година направени се 16 анализи од што 7 одговараат, а 9 не одговараат на правилникот за вода за пиење“ изјави Атанаско Михаилов, директор на Заводот за здравствена заштита од Охрид.

„Во јули направени се две микробиолошки анализи на водата и двете според квалитетот не одговараат за пиење. Тоа значи дека во водата на Билјанини извори се пронајдени патолошки микроорганизми поради што водата не одговата на стандардите за пиење.

Меѓутоа водата која што „Проаква“ ја користи од Билјанини извори со обработка и третирање со хлор е исправна, квалитетна и употреблива за пиење. Известени се сите надлежни органи и се надеваме дека ќе бидат преземени соодветни мерки во врска со проблемот со непреработената вода од Билјанини извори“, додаде Михаилов.


Легендарни извори – неисправна вода

Голем број граѓани секојдневно доаѓаат на Билјанини извори да наполнат вода за пиење, а од изворот вода пијат и туристите.  Општинскиот инспекторат најави дека најитно ќе постави информативна табла кај Билјанини извори со која ќе се предупредуваат граѓаните дека  водата од изворите не е добра за пиење.

Горан Момироски
фото: Спаско Костоски