Околу 95% од водата на планетата Земја отпаѓа на океаните и морињата додека само 5 % ја има на континентите. Поради тоа потребно е тоа малку питка вода да се заштити соодветно, е пораката што по повод 22 март-Светскиот ден на водите ја упатија македонските лимнолози.

Во Македонија питката вода ја има во доволни количини, но таа не е рамнномерно распределена. Повеќе ја има во западна Македонија, но негрижата на човекот, се поголемото загадување  на животната средина и неконтролираното искористување се сериозна закана за водните ресурси во земјата предупредуваат лимнолозите. Квалитетот на водите ја отсликува општата состојба во Македонија и за жал загрижува колку луѓето сеуште не се свесни за нивниот “придонес“ за таквата состојба, вели во изјава за Ohridnews, Трајче Наумоски од македонското лимнолошко друштво. „Загрозени се сите води, дури и оние што не ги гледаме, подземните води, бидејќи многу малку се води грижа за  и покрај тоа што во Македонија веќе 3-4 децении постојат закони за заштита на вода факт е дека тие не се почитуваат“, вели Наумоски.

Состојбата со питка вода во охридско е добра вели Сашо Точко од Заводот за здравствена заштита Охрид. Квалитетот на водата за пиење од градскиот водовод е на високо ниво и ги задоволува сите безбедносни критериуми пропишани со закон, вели Точко. За разлика од градот,  состојбата со водата за пиење во селата со сопствен водовод е лоша. Во најголем дел, од дури 90% во водата во селските водоводи недостасува дезинфекционо средство што претствува опасност за развој на бактериски инфекции, појаснува Точко.

Што се однесува до Охридското Езеро, најголемиот дел од водата во него е од висока прва и втора категорија но сеуште жешки точки остануваат реките Черава, Сатеска, Велгошка и Коселска река кои се најголеми загадувачи на Охридското Езеро. Од „Проаква“ информираат дека 73% од отпадните води кои се влеваат во Охридското Езеро од македонска страна се опфатени со колекторскиот систем кој според најавите треба комплетно да биде завршен до 2010 година. Во моментов се работи на дозиградба на колекторот на источниот брег до с. Пештани, додека остатокот од крајбрежјето до Св. Наум ќе се заштити со изградба на посебни пречистителни станици, велат од „Проаква“. Експертите објаснуваат дека Охридското Езеро во иднина ќе биде еден од главните снабдители на Балканот со питка вода и затоа е потребно да се зачува зелениот појас околу него кој директно влијае на хидролошката состојба на езерото.

По повод светскиот ден на водите, денеска на градскиот плоштад Црвениот  крст Охрид ќе го презентиран тимот за вода и санитацијата и дел од опремата-лабораторијата за пречистување на вода која тимот ја користеше во хуманитарната мисија во Индонезија во 2005 г.

ohridnews