На иницијатива на Меѓународната асоцијација на вода и УНЕСКО во1993 година, во многу земји во светот 22 Март е прогласен за Ден на водата. Водата е скапоцена затоа што без неа нема да постои живот. И покрај тоа што изгледа дека на планетата Земја вода има во изобилство, факт е дека само помалку од 1% од водата на земјата е употреблива за пиење.

Како што бројот на населението во светот расте, се зголемуваат и потребите од вода за пиење. 1,1 милијарди луѓе на Земјата немаат константен пристап до здравствено исправна вода за пиење, а 2,4 милијарди немаат пристап до вода за одржување на хигиената ниту пак канализација. Во последниве 30 години земјоделското производство се зголеми за повеќе од 100%, а 3/4 од вкупно потрошената вода се троши за земјоделското производство. Недостатокот од вода значи несигурност во производството на храна, сиромаштија, глад и ширење на заразни болести.

Со цел да се зачуваат скапоцените резерви на водата, од меѓународната асоцијација со низа препораки: Не ја трошете целата вода од тоалетното казанче наеднаш, пуштајте ги машините за перење алишта или садови само кога се наполнети. Машината за перење троши и до 65 л вода, а машините за миење садови до 20 литри. Не оставајте водата од чешмата да тече додека ги миете забите. Затворањето на чешмата додека ги миете забите може да заштеди повеќе од 7.000 литри вода годишно. Намалете го времето што го минувате под туш. Туширање со нормален млаз ќе потроши околу 35 л вода за 5 минути. Туширањето со силен млаз на вода ќе потроши повеќе од 125л за истото време.

При одржувањето на вашата градина, користете кофа а не црево за наводнување. При наводнувањето со црево се троши многу повеќе вода за време од еден час отколку што троши целото семејство на ден. И автомобилот може да се испере со кофи вода.  Тревата може да опстане подолг период без да се наводни и брзо ќе се освежи при следниот дожд. Поставувањето на сечилата од косилката на повисоко ниво ќе помогне во спречувањето тревата да се исуши при топло време.

OhridNews