19.20 Владата донесе повеќе одлуки со кои престанува важењето на повеќе рестриктивни мерки, меѓу кои и на полицискиот час. Ова пред малку на прес конференција го изјави премиерот на Техничката влада Оливер Спасовски. Тој посочи дека олабавувањето на мерките следи по анализата на актуелната здравствена состојба во земјата, која, како што рече премиерот, успешно се справува со пандемијата од Ковид 19. Додаде дека здравствениот систем успешно го амортизирал првиот удар, но предупреди дека коронавирусот се уште е тука и нема да исчезне се додека не се изгради колективен имунитет и затоа е потребно да се почитуваат сите мерки и препораки за заштита од Ковид 19, пред се да се носат маски и да се одржува физичката дистанца.

Од утре, 27 мај, престанува да важи забраната за движење. Од четврток 28 мај, со работа почнуваат угостителските објекти со прецизен протокол само во отворените делови, терасите, додека условите за работа во внатрешноста на објектите ќе се утврдуваат во следна фаза. – истакна Спасовски.

Се ревидираат и мерките за заштита при работа, кои овозможуваа ослободувања на одредени загрозени категории работници, како и работата од дома. Тие ќе престанат да важат од 1 јуни, но нема да ги опфатат хронично болните, а отстапка ќе има и за родителите со деца на претшколска возраст, за кои ќе се чека да се овозможат услови за работа на градинките, појасни Спасовски.

Со одлука на владата, од денес и официјално нема задолжителен карантин за македонските државјани по враќање во земјата од странство, доколку покажат валиден ПСР тест, негативен. Во тој слуај наместо во државен карантин тие ќе се упатуваат во домашна самоизолација.

Тие што во моментов се на сопствен трошок во државен карантин можат таму каде што се сместени да направат ПСР тест на сопствен трошок и доколку тој е негативен, ќе можат да се упатат во домашна изолација. – рече Спасовски

Премиерот истакна дека владата ги задолжила надлежните институции да изготват проценка за можноста за отварање на границите, како и протокол за работа на хотелите и престој во сместувачките капацитети.

Спасовски не ги одмина ниту изборите, посочувајќи дека истите треба да се одржат во првиот момент кога здравствената ситуација ќе го овозможи тоа, согласно законите и Уставот.

Здравствените власти, пак, најавија дека во наредниот период ќе се направи масовен скрининг, кој, меѓу другото, ќе ги опфати припадниците на полицијата, таксистите и други јавни служби, со цел да се види каква е состојбата и каков е колективниот имунитет на населението. Во тој контекст, епидемиологот, д-р Жарко Краџоски, рече дека успешно се контролираат случаите на Ковид 19 во земјата, познати се сите кластери и случаи кои се потенцијална закана.

Има кластери кои активно ги следиме во пет града, Скопје, Велес, Штип, Струга и Тетово со полошкиот регион. Ние излеговме на терен, успеавме да ги идентификуваме и изолираме активните случаи, некои се во самоизолација, а други здравствено се згрижени. – посочи Караџоски.

Битката не е завршена, предупреди Караџоски, посочувајќи дека топлото време и сувиот воздух нема да го уништат вирусот Ковид 19, псочувајќи го примерот со Бразил, држава на јужната хемисфера каде секојдневно се регистрираат по 1000 нови смртни случаи. „Носете маска, држете физичка дистанца и редовно миете ги рацете.“ – порача епидемиологот Караџоски.

Се укинува полицискиот час, од четврток со работа почнуваат угостителските објекти

Г.М.