Република Северна Македонија, во ова исклучително тешко време, ја доби битката, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција по одлуката за отпочнување на преговори со ЕУ, што се одржа заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите. Тоа е победа за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите владата, собранието, судството да ги спроведат реформите. Од денес ова го верификуваа и државите членки на ЕУ. Денешното признание е резултат на тешките политички одлуки кои ги донесе владата. Без договорот од Преспа и без договорот за добрососеседство со Бугарија ова немаше да се случи. Овој успех е крај на нашето чекање од 15 години. Денеска можеме да бидеме горди оти чекањето заврши. Нашата перспектива е во ЕУ. Точка од која враќање назад нема. Во наредниот период ќе поминуваме низ трансформација. Ова е повеќе од заслужен успех, рече Спасовски.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, рече дека одлуката е заслужена. „Денешната одлука на земјите членки да ѝ дадат зелено светло на Република С. Македонија за почеток на преговорите не претставува никаков подарок, ниту чиста политичка одлука. Напротив, оваа одлука е признание за суштинскиот напредок на земјата“, рече Османи.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров искажа голема благодарност до ЕУ што одлуката ја донела и покрај состојбата со коронавирусот.
„Особено цениме што ЕУ најде време и желба да оддаде признание за досега сработеното. Северна Македонија по 15 години во чекалната како земја кандидат конечно го поминува прагот и ќе може да ја почне следната заслужена фаза од својот европски пат, рече Димитров.
OhridNews