Од утре, за сите основни и средни училишта во Македонија, ќе биде достапна првата национална платформа за далечинско учење, информира на денешната прес конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми. Е-училницата ќе биде достапна на www.eduino.gov.mk. Секоја наставна единица од секој предмет ќе биде снимена и прикажана онлајн. Според Адеми, досега се пријавиле да учествуваат над 600 наставници.

Во Министерството за образование и наука досега се најавени 1.000, а пристигнати се 400 снимени лекции.

– Внимаваме да нема повторување на лекциите, ги следиме програмите во учебниците. Секоја лекција ќе трае по 15 минути, и ќе бидат проследени со презентации и објаснувања. Ве молам сите да учествувате во проактивноста на учениците за да не изгубат дел од наставниот материјал, рече министерот Адеми.

Платформата е направена во соработка со Бирото за образование (БРО), УНИЦЕФ и други невладини организации, по пример на систем што се користи во Хрватска.
Министерот нагласи дека вчера Владата донела уредби за наставата во сите образовни институции преку далечинско учење. Тоа ги опфаќа децата од предучилишна возраст, основно и средно образование, високото образование и јавните научни институти.

Во врска со оценувањето, се подготвуваат  препораки и упатство кои ќе бидат доставени до секој наставник.

OhridNews

Во услови на вонредна состојба образовниот процес продолжува со далечинско учење од дома