Од европскиот космодром во Француска Гвајана минатата ноќ во 03.50 часот успешно беше лансирана ракетата „Вега“, која во земјината орбита го однесе сателитот „Коперникус Сентинел 2-Ц“.

Како што соопшти денеска Европската комисија, „Сентинел 2-Ц“ ќе доставува најнови податоци и ќе овозможува услуги за набљудување на Земјата за потребите на јавните служби и приватни корисници.

Ажурираните податоци добиени од сателитот ќе им помогнат на јавните и приватните субјекти да носат поадекватни одлуки и подобро да се справат со итни еколошки предизвици, како што се шумски пожари, поплави и суши. Меѓу другите сфери што ќе имаат корист од овие податоци се и земјоделството, поморството и шумарството.

Според ЕК, „Сентинел 2-Ц“ ќе го зајакне најнапредниот систем за набљудување на Земјата во светот „Коперникус“.

„Сентинел 2-Ц“ ќе биде калибриран во наредните месеци, по што ќе стане целосно оперативен и ќе почне да испорачува податоци поврзани со Земјата.

Проектот е реализирана во соработка меѓу Европската вселенска агенција и француската приватна компанија „Аријанаспејс“, во чија сопственост е ракетата „Вега“.

OhridNews

фото. МИА/Европска комисија