Градежните активности за партерно уредување на дворот на гимназијата „Св. Климент Охридски“ кои се одвиваат во овој момeнт се во завршна фаза. Треба да се нагласи дека овде се работи за два поголеми одделни проекти и тоа изработка и поставување на ограда и партерно уредување на училишниот двор, велат од Секторот за образование при Општина Охрид.
Пред започнување на активностите за партерното уредување претходеа три помали проекти: изведба на комплетна атмосферска канализација на училишната зграда и спортската сала, комплетна водоводна мрежа со нов приклучок хидрантска мрежа поставена за првпат, која е од големо значење за објектот. Проектот за поставување на нова оградата е комплетно реализиран, како и трите помали претходно наведени проекти. Во моментов е завршена електричната и водоводната инсталација за потребите на дворот, завршено е потребното нивелирање и тампонирање на теренот, како и асфалтирање на игралиштето и патеката за трчање. Завршени се бетонските постаменти за канделабрите, клупите, фонтаните и амфитеатралните училници, информираат од Секторот.
Посочуваат дека завршувањето на партерното уредување на дворот најмногу ќе зависи од временските услови, но со план да биде завршено во најбрз можен рок.
Што се однесува до комплетното завршување на зафатите за реконструкција во училишниот објект на Гимназијата, планиран е поголем временски период до 2026 година бидејќи се работи за реконструкција на кровот, комплетна промена на внатрешна и надворешна столарија, комплетна реконструкција на ѕидови и подови, комплетна промена на електричната инсталација и комплетно нов систем за греење. Во моментов е поставена нова громобранска мрежа и дел од новата електрична инсталација, за која е донесен нов електричен довод, потенцираат од Секторот.
Износот на вложените средства за градежните зафати во Гимназијата, додаваат, до сега изнесува околу 32 милиони денари, додека вкупниот износ за реконструкцијата на целиот објект на Гимназијата би изнесувал
околу 99 милиони денари.
Мора да се напомене дека за сето тоа е подготвен проект, за кој се очекува соодветно одобрение од институциите, за да се започне со реализација на истиот. Се работи сложен зафат, кој е голем предизвик и за кој од минатото до сега само оваа локална самоуправа и градоначалникот Кирил Пецаков покажаа храброст, со упорна работа и вложен труд да стигнат до целта. Тука особено како локална самоупрва очекуваме поддршка и од повисоки инстанци како МОН, Владата на Р.Македонија, затоа што Охридската Гимназија е објект од особено општествено, историско и културно значење, а пред сѐ се работи за институција која е расадник на квалитетни кадри, истакнуваат од Секторот за образование при Општина Охрид.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски