Илјадници граѓани во новогодишната ноќ го исполнија плоштадот во центарот на Вухан, кинескиот град каде првпат беше откриен Ковид-19. Во еуфорична атмосфера со пуштање балони тие и посакаа добредојде на 2021 година, јавуваат светските агенции, пренесува Yahoo.

Полицијата подигнала огради за да се обиде да спречи метеж околу градската саат-кула каде се одвивала прославата, но мерката била неефикасна поради големиот број, главно млади луѓе.

Повеќето од луѓето во толпата носеле маски.

Вухан беше ставен под строга блокада повеќе од два месеци од крајот на јануари, но животот во овој град се врати во нормала од летото. Училиштата целосно беа отворени во септември.

Кина се соочи со голема критика во врска со првичното справување со вирусот, кој се појави во Вухан, во централната провинција Хубеи, во декември 2019 година. Земјата е обвинета за прикривање на епидемијата и дозволување на ширење на вирусот на меѓународно ниво. Пекинг, пак, неодамна се обиде да ја оспори теоријата дека Ковид-19 потекнува од Вухан.

Во понеделникот, граѓанскиот новинар Жанг Жан беше осуден на казна затвор од четири години за известувањето за состојбите во Вухан за време на епидемијата.

Во градот со 11 милиони жители, според кинеските податоци, од Ковид 19 починале околу 4.000 луѓе.

OhridNews