Директорот на Колекторот, Ваид Ајро, на прес конференцијата што денска се одржа во Струга, предупреди дека шеест и први ден Охридското Езеро се загадува со фекални води кои не може да ги прифати колекторскиот систем и дека состојбата станува алармантна.
– Охридското Езеро е под сериозна закана. Водата сега се уште е висока, но со намалување на нивото на езерото ќе се почувствуваат последиците од загадувањето кое во моментов е 4 пати поголемо од дозволеното ниво. Тоа значи дека и реката Дрим и крајбрежјето кое сега покрај реките Сатеска и Грашница се загадува од колекторот ќе биде подолго време загадено и ќе бидат потребни милиони евра за да се справиме со последици и од туристички, економски и социјален аспект, рече Ајро.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, исто така укажа дека најголема опасност по Охридското Езеро доаѓа од колекторот и побара помош од државата за решавање на овој сериозен проблем.Тој истакна дека во координација со државните институции, општината презема се што е во нејзина моќ да се справи со неповолната хидролошка состојба, но и натаму високиот водостој претставува сериозна закана по имотите и земјоделските површини во сливот на реката Дрим, но и покрај каналите кои од каде водата интензивно се испумпува.
-Општините трошат оргомни средства за справување со неповолната хидролошка состојба, а ЕЛЕМ која остварува голем профит од производство на електрична енергија не дава ниту денар за одржување на колекторот иако постои заклучок на Влада дека во тоа треба да партиципира оваа компанија. – рече Мерко.
Раководителот на општинскиот кризен штаб Џеваил Беќири, истакна дека состојбата и натаму е критична во сливот на реката Дрим, но поголема опасност претстои допрва.
-Во април со зголемување на температурата и топењето на снегот се очекува да се зголеми нивото на реката Дрим со што ќе бидат загрозени одредени критични точки долж течението, поради што е потребно да се преземат превентивни мерки да се спречат поголеми поплави, рече Беќири.
Градоначалникот Мерко, локалниот кризен штаб во Струга и надлежните од МЈП „Проаква“ на заедничката прес конференција упатија апел до државата итно да се преземат мерки за подобрување на состојбата на колекторот за да се избегне еколошка катастрофа која му се заканува на езерото.