Во втората половина од 2024 година Царинската управа наплатила над една милијарда евра приходи. Притоа приходите од царина бележат раст од 13,8%, од акциза за 8,9%, а од данок на моторни возила за 20%.
Бројот на случаи на заплени при откриени сторени прекршочни и кривични дела е зголемен за повеќе од 100% во однос на истиот период 2023 година. До ОЈО во цела 2024 година поднесени се вкупно 89 кривични пријави, при што само во втората половина од годината се поднесени 69 кривични пријави за 37 правни и 101 физичко лице. Поднесени се и 766 прекршочни пријави, истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на брифинг со новинари одржан денеска во Министерство за финансии заедно со министерката за финансии и директорите на органите во состав на Министерството.
Царинска управа, вели, применува сеопфатен пристап за откривање и справување со заканите. На меѓународно и регионално ниво под иницијативата за сузбивање на криминалот, се зајакнати партнерствата со соседните земји и пошироко во регионот, а со Министерството за финансии потпишан е нов Меморандум и Протокол за соработка со Министерството за внатрешни работи и со Бирото за јавна безбедност, со коишто се поставени основите за уште пожестока заедничка борба со криминалот.
На граничните премини и терминали поставен е систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички, а ставена е во функција и новата верзија на системот за обработка на транзитни декларации – НКТС фаза 5, којашто е целосно усогласена со царинското законодавство на ЕУ, посочи.
Царинската управа во моментов со поддршка на националниот Буџет, и финансиски средства обезбедени преку Светска банка, Република Кореја, како и грант средства од ЕУ работи на проекти со вкупна вредност од 24,4 милиони евра.
Целта како што рече директорот Николовски е овозможување фер, конкурентна трговија, преку обезбедување поголема безбедност, просперитет и економска сигурност.
OhridNews