Во руски воздушен напад погодена е детска болница во Мариупол, соопшти денеска советот на градот, наведувајќи дека сè уште не е познато дали има жртви во нападот.

Градските власти тврдат дека неколку бомби се фрлени врз болницата и дека штетата е голема.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски, на Твитер објави видео од оштетената детска болница.

Мариупол. Директен удар на руските сили врз породилиште. Луѓе, деца се под урнатините. Ѕверство. Колку долго уште светот ќе биде соучесник игнорирајќи го овој терор? Затворете го небото веднаш! Запрете ги убивањата. Имате моќ, но се чини дека ја губите човечноста, објави на Твитер Зеленски.

Москва, демантира дека цивилни објекти се цел на руските воени операции во Украина.

Кулеба итно бара авиони по рускиот напад на породилиште во Мариупол

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика меѓународните партнери да и обезбедат авиони на Украина откако руски воздушен напад погоди породилиште во Мариупол.

Ужасно воено злосторство во Мариупол. Цел на руски воздушен напад беа болница и породилиште. Можевме да го запреме ова варварство со заштита на нашето небо. Во име на хуманоста, обезбедете ни авиони, сега! Животите се губат додека ова се разгледува одново и одново, напиша Кулеба на Твитер.

САД: Русија можеби користи ненаведувани „неми“ бомби во војната во Украина

САД виделе показатели дека руската војска во нападот врз Украина користи таканаречени неми бомби кои не се наведувани и во голема мера го зголемуваат ризикот да се промаши целта, изјави денеска висок претставник на американската одбрана.

Имаме индикации дека Русите всушност фрла нема муниција, изјавил функционерот за некои светски агенции кој побарал да остане анонимен, додавајќи дека САД забележале „зголемена штета на цивилната инфраструктура и цивилни жртви.

Изјавата е објавена веднаш откако Украина денеска ја обвини Русија за бомбардирање на детска болница во опколениот пристаништен град Мариупол. Според украинските власти, од почетокот на руската инвазија во Мариупол се убиени најмалку 1.170 цивили.

Бројките засега не можат да бидат потврдени од независен извор.

Русија негира дека нејзини цели се цивили и вели дека користи прецизна муниција во својата „специјална воена операција“ во Украина и оти гаѓа воени цели.

Џонсон: Ќе се погрижиме Путин да одговара за злосторствата

Британскиот премиер Борис Џонсон го осуди на Твитер денешниот бомбашки напад врз детска болница и породилиште во Мариупол.

Има малку работи што се порасипани отколку да се напаѓаат ранливите и оние без одбрана, напиша Џонсон во твитот.

Тој кажа дека Велика Британија истражува како да обезбеди поголема поддршка за Украина во одбраната од воздушни напади.

Ќе се погрижиме Путин да биде одговорен за неговите ужасни злосторства“, додаде Џонсон, кој на хаштагот на твитот додаде „Путин мора да не успее“.

OhridNews