Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денес во Вевчани отвори своја локална канцеларија, а беше потпишан и Договор за проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, со PONT (Prespa Ohrid Nature Trust кој ќе се спроведува до август 2025 година.
Целта на овој проект е да се обезбеди поддршка за одржливо управување со заштитеното подрачје Споменикот на природата “Вевчански Извори”. Со спроведувањето на овој проект ќе се изврши ефективно следење на клучните видови во Споменикот на природата „Вевчански извори“, поставување на едукативни табли и патокази, воспоставување на еко-патрола, едукација за биолошката разновидност, како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето, информираат од Еко-свест.
Додаваат дека проектот ќе обезбеди континуитет и ќе го поддржи спроведувањето на планот за управување со заштитеното подрачје „Вевчански извори“ и ќе даде поддршка на Општина Вевчани во спроведување на своите активности за заштита на природното наследство.
Овој проект всушност се надоврзува на низа претходни успешни активности на Еко-свест, кои беа реализирани во соработка со Општина Вевчани и релевантните чинители во Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, истакна извршната директорка на Еко-свест – Ана Чоловиќ Лешоска за време на отворањето на локалната канцеларија.
Извршната директорка на PONT – Миријам де Конинг истакна дека е мошне задоволна од соработката со Еко-свест во минатото и потенцираше дека се радува што Еко-свест ќе биде присутен преку локалната канцеларија во Вевчани, каде што активностите за заштитеното подрачје „Вевчански извори“ ќе добијат на директен интензитет и видливост.
Инаку, Еко-свест во 2018 година го поддржа донесувањето на Планот за управување со заштитеното подрачје и помогна на Општината да воспостави систем за негово одржливо управување.
OhridNews