Во Вевчани денес беше свечено отворен мултикултурниот центар „Коста Србакоски“. Оваа институција е производ на една длабока визија, на Вевчани да му се подари место во кое ќе пулсира оптимизмот, напредокот и развојот на нашата заедница. Истовремено, оваа институција е производ и на силната и длабоко човечка потреба оваа заедница искрено да му се заблагодари и да му се оддолжи на Србакоски, рече во обраќањето градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски.
Станува збор за еден модерен објект, кој во себе ги задржал архитектонските обележја за да биде споменик на неговите градители, но истовремено има добиено и нова функција, соодветно на новите потреби. На Вевчани му подаруваме уште една знаменитост, која дополнително ќе ја зајакне и ќе ја унапреди вредноста на ова наше вековно место, истакна градоначалникот Спасе Кочовски, на официјалното пуштање на објектот.
Објектот е со корисна површина од 1400 м2. Во него се веќе опремени големата конгресна сала, повеќе сали за семинари, музејски простории, просторија со опреми за функционално уредување на мултимедијален туристички центар, како и простории со други придружни, главно спортски содржини.
Овој простор ќе ја добие својата вистинска смисла и значење само тогаш кога во целост ќе пулсираат сите негови содржини. Свесни за тој факт, како нова општинска администрација, уште од првиот ден, воспоставивме контакти со амбасади на големи и важни држави. Дел од нив ќе бидат наши гости за време на деновите од карневалот и ќе имаат можност одблизу да се запознаат со капацитетите на „Мултикултурниот центар Коста Србакоски“. Заеднички интензивно работиме за да креираме содржини кои ќе му дадат вистинска смисла и важност на овој објект. Имаме големи планови и веруваме дека ќе успееме, додаде Кочовски.
Во рамките на свеченоста, беше отворена изложбата на уметнички слики од Аница Ќитаноска, Никола Угриноски и Владимир Младеноски, а свој настап имаше и културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
Инаку, именувањето на објектот во „Коста Србакоски“ беше на иницијатива градоначалникот Кочовски, а со одлука на Советот на Општина Вевчани.
Н.С.Ј.