Југозападниот регион се протега на 3 340 квадратни километри и зафаќа 13,4 проценти од вкупната територија. Во него живеат 177 398 луѓе или 9,65 проценти од вкупното резидентно население. Се наоѓа на четврто место и по територија и по бројот на население. Со 53,1 жител на квадратен километар е на петто место според густината на населението.
Во споредба со 2002 година регионот има загубено 44 153 жители, што е по 13,2 жители на квадратен километар или 19,93 проценти. Во 2002 регионот бил на четврто место со 10,95 отсто од населението.
Пад на населението има во сите девет општини. Процентуално најголем пад има во Центар Жупа – 42,94% и Дебрца – 32,47% , додека во апсолутни бројки во Кичево кој за 20 години има загубено 17 070 жители или 30,09%.
Интересно е дека, иако за 20 години во Кичево бројот на население е намален за 30,09 %, бројот на домаќинства е зголемен за 39,58%, а бројот на станови за 58,59%. (з.а. со територијалната прераспределба од 2013 година кон општина Кичево се приклучија и општините Зајас, Другово, Вранештица и Осломеј.)
Охрид за 20 години има загубено 4 321 жител или по 11,08 жители на километар квадратен, но во исто време, бројот на домаќинства е зголемен за 12,83%, а на станови за 15,52%. Ист е случајот и со Струга, која има загубено 12 396 жители или по 25,6 жители на километар квадратен, додека бројот на домаќинства е зголемен за 0,83%, а на станови за 16,91%.
За 20 години Дебар има пад на населението од 21,13%, Струга – 19,56%, Македонски Брод – 17,53%, Охрид – 7,75%, Пласница – 7,11% и најмалку во Вевчани – 3,04%.
Додека бројот на жители во регионот за 20 години е намален за 19,93 проценти, во исто време, бројот на домаќинства е зголемен за 12,53% и на станови за 26,09% .
OhridNews