Синоќа во галеријата „Резонанса“ се одржа јубилејната изложба на Драган Спасески Охридски, по повод 25 години од неговото творештво.

-Се започна во 1989 година, кога моите дела ги виде академик Цветан Грозданов. Тогаш тој ме праша дали сум егоист и рече дека овие дела треба да ги видат луѓето. Не згреши, ме поттикна, ме извади од сивилото. Може да го видите мојот развоен пат, а оваа изложба е пресек на моето творештво од 1989 година до ден денес.-рече уметникот Драган Спасески Охридски.

Обраќајќи се пред бројните присутни, академик Цветан Грозданов рече дека во творештвото на охридскиот уметник Драган Спасески Охридски, кој инаку е успешен лекар ортопед, е отсликана една семејна хармонија и родителска љубов кон неговиот син.

Цртежот е основниот ликовен елемент во историјата на уметноста. А без цртежот, не може да се фиксира фигурата човечка. Овие дела се инспирирани со ренесансно-барокни елементи, во најмала мера и нео-класицизам. Од 1989 година, Спасески е присутен како во медицината, така и во ликовната уметност.“ – рече академик Грозданов.

Во име на Министерството за култура на Република Македонија, се обрати заменик-министерот, Драган Недељковиќ.

Минатата година за прв ги видов сликите и му кажав на Драган дека тие зрачат енергија. Министерството за култура, ваквите уметници ќе ги подржува не само во Македонија, туку и надвор од неа, за да можеме да кажеме со какво богатство раполагаме. Јас на Драган му посакувам уште многу дела и успешна работа.“ – рече Недељковиќ.

За делата на Спасески-Охридски говореше и проф. д-р Кристина Николовска, а актерите Љупчо Тодоровски – Упа и Димитрија Доксевски изведоја рецитал на дел од неговото поетско творешство.

OhridNews
фото: „Емилио“