Делегациите на Русија и на Украина ќе одржат нова рунда разговори во живо во Турција од денеска до среда, најави еден од украинските преговарачи Давид Арахамија.

Рускиот главен преговарач Владимир Медински, исто така, најави одржување нова рунда преговори, но најави дека тоа ќе биде утре и вo среда, без да го прецизира местото.

На преговорите преку видеоконференциска врска е одлучено следната рунда да се одржи во Турција од 28 до 30 март, објави Арахамија на Фејсбук.

На 10 март во Анталија, Турција, на ниво на министри за надворешни работи, на предлог на Анкара, веќе се одржа еден круг руско-украински разговори во живо, но не донесе конкретен напредок.

Оттогаш, преговорите се водат преку видео-конференциска врска и двете страни ги опишаа како „тешки“.

Процесот на преговори е многу тежок. Украинската делегација зазеде цврст став и не се откажува од своите барања. Пред сè, ние инсистираме на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина, изјави во петокот украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Тој негираше дека е постигнат „консензус“ со Москва, спротивно на изјавата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека делегациите на двете земји одговориле на четири од шест точки.

Главниот преговарач на Москва истакна дека преговорите се во застој поради клучните точки.

Позициите се приближуваат во споредните точки. Но, ние сме во застој околу главните политички прашања, додаде Медински.

Тој изјави дека Москва инсистира на потпишување „сеопфатен договор“ кој ќе ги земе предвид барањата за неутралност, демилитаризација и „денацификација“ на Украина, како и признавање на рускиот суверенитет над Крим и независност на двете проруски сепаратистички области Доњецк и Луганск.

OhridNews