Вечерва во катедралната црква „Св. Софија“ ќе се одржи „Вечер на Европска Унија“, со настап на ансамблот „Варијабиле“.
Се работи за музичари кои потекнуваат од регионот на Алпска Адрија за изведување на камерен репертоар во различни, односно, варијабилни состави. Сите членови на ансамблот имаат богата уметничка биографија.
Клаудио Мансути има освоено 5 национални и бројни меѓународни награди, оствари снимки за РАИ и ОРФ (ORF), а како солист настапувал со бројни оркестри од различни земји. Андреа Мусто има големо искуство како камерен музичар и член на гудачки квартети во Австрија и Германија, а има соработувано и со оркестрите од овие земји. Од 2001 год. тој е прв челист на оркестарот во Фриули Венеција- Џулија. Федерика Репини е победник на натпреварот „Шуберт“ во Монкалиери, а во нејзината кариера се вбројуваат солистички настапи со бројни оркестри и членување во камерни состави, како и снимки за радио и телевизиските куќи.
Истакнатиот италијански флејтист Масимо Мерчели изградил впечатлива уметничка кариера во која се забележуваат успесите на маѓународните натпревари и бројните концерти во најпознатите светски сали, меѓу кои „Карнеги Хол“, Московскиот конзерваториум, Концертгебау, Моцартеум, како и учеството на престижните меѓународни фестивали во Љубљана, Берлин, Бон (Бетовеновиот фестивал), Санкт-Петербург и многу други. Соработува со врвните уметници на денешницата, од рангот на Кшиштоф Пендерецки, Јуриј Башмет, Филип Глас, Жан-Пјер Рампал. Оваа година, тој стана и заменик-претседател на Европската асоцијација на фестивали.
Почетокот на концертот е од 21:00 часот.
OhridNews