Во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана беше промовиран романот „Осмото светско чудо“ од македонскиот писател и поранешен дипломат Јордан Плевнеш.

Пред присутните говореше деканот на Академијата „Маруби“ од Тирана, Кујтим Чашку, кој порача дека романот не е значаен само за македонската литература, туку и за албанската литература и за целиот европски свет.

Книжевниот критичар Бен Андони, правејќи споредба со делото „Хазардски речник“ од Павиќ, романот на Плевнеш го спореди со повеќе значајни дела од балканската литература. За романот говореа и Хаќиф Мулиќи, драматург и уметнички критичар и Агим Пољоска од Филолошкиот факултет во Скопје, кој е преведувач на романот.

Извадоци од романот цитираа актерите Џоана Карај од Универзитетот на уметностите во Тирана и Лаерти Васили, еден од најпознатите актери од Националниот театар во Тирана. Промоцијата беше надополнета со настапот на дел од членовите на музичкиот состав „Тирана – Тирона сите ѕвезди“.

На промоцијата присуствуваа претставници од дипломатскиот кор и од јавниот и културниот живот меѓу кои и духовниот водач на бектешите Баба Монди.

Плевнеш е познат писател со меѓународна репутација, автор на повеќе театарски драми објавени и изведени во над 50 земји во светот.

OhridNews