Денешната еднодневна посета на папата Франциск на соседна Албанија ја обезбедуваат повеќе од 2.500 полицајци, ангажиран е голем број припадници на службите за безбедност, сообраќајот во главниот град Тирана е целосно блокиран, а неколку часа затворен ќе биде и воздушниот простор над земјата кога ќе бидат забранети сите летови и прелети.

Ваквите исклучително силни безбедносни мерки се преземени поради официјално непотврдените информации дека во текот на посетата на Римокатоличката црква во Тирана е можен терористички напад од страна на екстремни исламисти.

Папата Франциск беше пречекан од социјалистичкиот премиер Еди Рама и други претставници на владата, како и од страна на претставници на Католичката црква во Албанија. По кусата средба со премиерот Рама во зградата на аеродромот, папата Франциск се упати кон Тирана каде ќе има средби со албанскиот државен врв, додека пак во 11 часот започна католичката литургија со која раководи Папата на централниот плоштад именуван по најпознатата албанска личност – Мајка Тереза, која Светата столица во 2003 година ја прогласи за блажена.

Во смисла на заканите околу посетата на Папата на тирана, амбасадата на САД во Тирана претходно издаде соопштение во кое ги советува американските државјани да внимаваат за време на посетата на Светиот отец, бидејќи како што беше соопштено се очекува на главната миса во недела да присуствуваат на 500 илјади луѓе од Албанија, но и од соседните земји.

Оваа е втора посета на римокатолички поглавар на Албанија, каде што само десет отсто од населението се католици, откако во 1993 година земјата ја посети папата Јован Павле Втори.

OhridNews

извор Макфакс