Денеска во 10 часот во Основниот суд во Тетово треба да продолжи главната расправа од судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, што се случи на 8 септември 2021, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени. Судењето почна пред три недели, на 7 декември, откако од септември па до овој месец, почетокот на судскиот процес беше одложуван.
Пред 20 дена до одложување дојде поради несогласување на бранителите на сите обвинети околу презентацијата на доказите од страна на Јавното обвинителство. Тие бараа обвинителот „да ги чита сите докази“, наместо, како што рекоа, „да ги цитира само насловите“. Воедно имаа забелешка дека дел од насловите не се содржани во листата на докази кои Обвинителство ги доставило до Судот.
Претходно на самиот почеток обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница Тетово, како правно лице, по прозивката на судијата истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
До судење дојде откако на 27 јули 2022 година Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основниот суд – Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинженер и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој биле приклучени дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.
OhridNews