Шест лица го загубија животот, а едно е сериозно повредено, во тешката сообраќајна несреќа што вчера во 16:30 ч. се случи на магистралниот пат Охрид – Скопје, во месноста Цер општина Дебрца.

 
До несреќата дошло кога возило „Лада караван“ со скопски регистарски таблички, кое се движело кон Кичево,  од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента и директно удрило во автомобил марка „Ланчиа“ која се движела кон Охрид. Во страотниот судир на лице место починале возачот и неговиот сопатник во „Ланчиата“, додека во „Ладата“ смртно страдале Југослав Полевски роден 1956 година, Богдан Запотовски роден 1953, Јово Лазески роден 1960 и Дејан Наумовски роден 1975 година, сите од Кичево, додека со тешки повреди  Драге Стојковски роден 1956, итно е префрлен во болницата  за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.


„Ладата“ во која биле работниците – потполно уништена


Стравотни сцени – крв на воланот


И „ланчата“ комплетно здробена

 Очевидците кои први пристигнале на местото на несреќата сведочат за страотната глетка:

– Возам 15 години и вакво нешто немам  видено. Ние бевме тука веројатно минута – две откако се случи сударот. дојдоа и други луѓе, пробавме и некако успеавме да ги отвориме вратите од колите…Некои од луѓето во колите беа живи ама брзо умреа, не можевме ништо да сториме…полицијата дојде за 15-тина минути…  – изјави Славе Блашкоски, кој прв се нашол на местото од несреќата.

На местото на несреќата веднаш пристигнале екипи на МВР и на итната помош, а увид извршил истражен судија од основниот суд во Охрид. Поради несреќата сообраќајот на патниот правец Охрид – Скопје беше во прекин околу три часа.
Патниците во „Ладата нива“ биле работници од рудникот Тајмиште во Кичево кои се враќале од работа во Охрид, додека идентитетот на жртвите од „ланчиата“ сеуште е непознат.
 
Состојбата на повредениот Драге Стојковски е тешка но стабилна. Тој, како што ни изјави дежурниот лекар во „Коснозглобна“, Прокопи Попстефанија бил примен во шок состојба со скршеници на  десната натколеница, десната подлактица и на две ребра. Била извршена итна реанимација и неговата состојба се смета за стабилна, но се прават дополнителни испитувања на евентуални други повреди по што тој најверојатно ќе биде и опериран.

Г. Момироски
С. Костоски