Најмалку 41 лице е убиено, а уште 200 се ранети во двете големи експлозии за кои се осомничени бомбаши самоубијци на екстремната сунитска организација Исламска држава врз контролен пункт пред седиште на либанското шиитско движење Хезболах во јужно предградие на либанската престолнина Бејрут, соопшти во четвртокот вечерта либанскиот министер за здравство Ваел Абу Фаер, кој очекува бројот на жртвите да се зголеми, бидејќи многумина од повредените се во критична состојба.

Според либанската телевизија ал-Манар, експлозиите ги предизвикале двајца бомбаши самоубијци на преполната улица пред трговски центар. Либанскиот министер за внатрешни работи Нухад Машнук изјави дека третиот бомбаш самоубиец загинал во една од двете експлозии. Станува збор за прв напад врз седиште на шиитски Хезболах од јуни 2014 година. Машнук остро го осуди нападот и уверува дека ќе ги пронајде извршителите. „Нема да бидеме колебливи при приведувањето на оние кои стојат зад овие напади“, порача.

Во меѓувреме, Исламската држава во соопштение ја презема одговорноста за нападот во предградието на Бејрут. Според првичните извештаи, двете експлозии одекнале во интервал од пет минути и на оддалеченост од 20 метри. Безбедносните сили ја блокираа пошироката област на нападот.

Либанската влада го прогласи денешниот ден за ден на национална жалост поради смртоносните бомбашки напади. Премиерот Таммам Салам го осуди нападот како „неприфатлив“ и повика на единство против „оние коишто планираат да создадат раздор“ во земјата. Ги повика, исто така, функционерите да ги надминат своите разлики.

Во Либан се влијателни и сунитските и шиитските милиции чија спротиставеност се засили откако во март 2011 година започна граѓанската етноконфесионална војна во соседна Сирија. Сунитите ги поддржуваат опозициските бунтовнички групи и џихадистичкте борци како Исламската држава и Џебхат ан-Нусра, додека Хезболах се бори на страната на владините сили на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад.

Изминатите месеци десетици луѓе ги загубија животите во Либан во терористички напади во главниот град Бејрут, а особено во источните области на земјата. Најмногу од нив се одмазда за операциите на апсења во градот Арсал во близина на границата со Сирија, каде што се верува дека има илјадници борци на терористичките групи Исламска држава и Џебхат ан-Нусра, кои се засолнуваат или лекуваат по борбите на сириското боиште, или се активни во обезбедување логистика и нови борци.

OhridNews

Извор: „Макфакс“