Здравствените работници од охридскиот регион успешно и навремено ги обезбедуваат потребните здравствени услуги за граѓаните во летниот период и се справуваат со последиците од топлотниот бран што деновиве ја зафати државата. Ова е заклучокот од денешната средба на заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски  со менаџерските тимови на Општа болница, Здравствениот дом и Итната медицинска помош во Охрид.

– Здравствените установи во Охрид и во услови на високи летни температури обезбедуваат брза и квалитетна здравствена заштита за граѓаните од овој регион,  и зголемениот број домашни и странски туристи кои  престојуваат во овој град. Итната медицинска помош функционира со 13 тимови на територијата на Охрид и околните населени места. За потребите на Итната медицинска помош се доделени и три нови возила опремени со: ЕКГ апарат, дефибрилатор, респиратор и друга медицинска опрема, рече заменик-министерот Андовски.

Тој ја нагласи добрата организациска поставеност на Општата болница, Здравствениот дом и службата за Итна медицинска помош во Охрид, додавајќи дека здравствената услуга ја обезбедуваат и 35 матични лекари и дека генерално, може да се каже дека станува збор за добра покриеност како на итната медицинска помош, така и на примарната здравствена заштита.

Заменик министерот Андовски потсети дека освен извршената реконструкција на дел од Општата болница, набавена е и нова медицинска опрема, како што се: нов апарат за компјутерска томографија, најсовремени ЕХО апарати, апарати за анестезија, гастро кабинети, биохемиски анализатор со капацитет од 100-200 анализи/час, класичен РТГ апарат, инкубатори за недоносени новороденчиња со пациент монитор, и друга опрема. Андовски информира и дека во тек е набавката на 6 нови мамографски системи, при што еден мамограф ќе биде поставен во општата болница во Охрид.

На средбата беа потенцирани и позитивните ефекти од проектот Рурален доктор, кој опфаќа 34 насени места од овој регион и преку овој проект на жителите во селата им се обезбедуваат основните лекарски прегледи, мерење шеќер и холестерол, а исто така им се препишуваат рецепти и им се издаваат упати.

OhridNews