Со света архиерејска литургија што утрово се одржа во катедралната црква Св Софија во Охрид, Македонската православна црква го одбележа празникот Благовештение. Со светата литургија чиноначалствуваше неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, со митрополитите Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Брегалнички г. Иларион и со повеќемина свештенослужители.


По молитвите на Мајката божја, денеска служевме во Соборниот храм на Охридската архиепископија, на празникот што бил празник на Архиепископијата. Светата црква го чествува Благовештението како ден кога се исполниле старозаветните пророштва, денот во кој и била соопштена најрадосната вест на девојката Марија во Назарет дека таа ќе го роди спасителот на човечкиот род – Синот божји Господ Исус Христос, рече поглаварот на Македонската православна црква, Митрополитот Охридски и Македонски г.г. Стефан.


Тој додаде дека благата вест, Евангелието потоа се слушнало во сите делови на земјината топка и таа радост е се уште актуелна и ќе биде таква до крајот на светот.

Благата вест потоа најавена и објавена преку Господа Христа и неговите апостоли во Македонија стигнала меѓу првите народи во Европа и воопшто во светот, и таа радост се чествува насекаде меѓу Македонците, овде и насекаде меѓу нашинците иселени по другите континенти, истакна Архиепископот Стефан.


Празникот Благовештение е древна слава на Охридската Архиепископија.

Ohridnews