Вечерва на сцената кај „Св. Софија“ со почеток од 21 часот, ќе се одржи концерт на Кирил Трусов и Александра Трусова во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Кирил Трусов е еден од најзначајните виолинисти на својата генерација. Со своите многубројни солистички настапи, стекнал углед на исклучителен уметник, а неговите концерти се многу високо оценети од голем број критичари во светот. Настапувал со различни оркестри од целиот свет (Филхармонискиот оркестар на Минхен, Националниот оркестар на Франција, Радио-симфонискиот оркестар на Баден-Баден и др.), а исто така соработувал и со диригенти како Сер Невил Маринер, Лоренс Фостер, Владимир Спиваков, Дејвид Стерн и др.
Добитник е на голем број награди и признанија (Наградата „Давидоф“ на музичкиот фестивал „Шлезвих-Холштајн“, европската награда „Про-Европа“ и др.). Оваа година значаен е и неговиот настап на Зимските олимписки игри во Сочи. Свири на виолина „Страдивари“ која потекнува од 1702 година, на која свирел познатиот виолинист од 19-тиот век – Адолф Бродски.
Александра Трусова во својата кариера настапувала во значајни центри во Европа, Америка, Канада и Јапонија, со реномирани диригенти како Лорин Маазел, Јозеф Сук, Мајкл Тилкин, Волтер Велер и др. Често настапува на интернационални музички фестивали како солист и како камерен изведувач.
Исто така, со години успешно настапува и со својот брат, виолинистот Кирил Трусов, дуо кое со своите настапи добива признанија низ целиот свет. Taa е добитник на повеќе интернационални награди.
OhridNews