Согласно Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во државата за академската 2024/2025 година обезбедени се 4303 места, од кои 1034 за студенти од прва година, а 3269 се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти.

Во студенскиот дом „Никола Карев“ во Охрид има место за 242 студенти од кои 48 се за студенти од прва година, додека 194 за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти, се навдеува во Конкурсот од МОН.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

Исто така, право на прием имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и слично, односно: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Северна Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори, се додава во соопштението.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk. Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години е почнат и трае до 31.7.2024 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 10.9.2024 година и трае до 17.9.2024 година.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30.11.2024 година.

OhridNews