Четири лица ангажирани околу станбен објект во изградба во сопственост на Дилавер Бојку Леку во Струга вчера брутално го нападнаа дописникот на „Дневник“ Никола Шутиноски, му го скршија фотоапаратот и им се закануваа нему и на неговото семејство.

Фотографирав во центарот на Струга. Поттикнат од веста дека Бојку е предвреме ослободен од затвор, поминав покрај куќата што ја гради за да ја фотографирам. Од објектот дотрчаа четворица на возраст од 20 до 25 години, ми го зедоа апаратот, го оштетија, а мене почнаа да ме удираат со тупаници – објаснува Шутиноски.

Тој не знае во каква врска се четворицата со Бојку, но претпоставува дека се ангажирани како обезбедување на објектот. Очевидци на инцидентот велат дека едниот од напаѓачите е член на потесното семејство на Бојку.

– Ќе им се одмаздиме на сите што ќе се дрзнат да ја фотографираат оваа куќа. Ти добро помина. Биди среќен што не си мртов. Следниот пат ќе те фрлиме во Дрим – му се заканиле напаѓачите на Шутиноски.

Тие му соопштиле дека знаат на која адреса живее и го предупредиле „да размисли како ќе се однесува понатаму“.

Нападот врз дописникот на „Дневник“ е пријавен во полицијата во Струга.

Бојку пред околу три недели бил предвреме пуштен на слобода од затворот во Струга откако битолскиот Апелациски суд донесол одлука со која му дозволил условен отпуст. Претходно Основниот суд во Битола го одбил ваквото барање, а Бојку ја обжалил одлуката. Судски совет на битолската апелација ја укинал одлуката на првостепениот суд и му дозволил условен отпуст на Бојку 5 месеци пред истекот на казната со образложение дека осудениот добил позитивни карактеристики од затворот „Идризово“, каде што го поминал најголемиот дел од затворската казна. Бојку беше осуден на 4 години и 5 месеци затвор за посредување во проституција.

„Дневник“