Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје од денеска до 7 октомври во Струга ја организира Првата светска конференција за верски дијалог и соработка. Покровител на конференцијата е Министерството за култура на Република Северна Македонија.
На свеченото отворање, како што е најавено од организаторот, ќе се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за образование Јетон Шаќири, Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје Биљана Ангелова, деканот на Филозофски факултет во Скопје- Ратко Дуев и Зоран Матевски, директор на Центарот за интеркултурни студии и истражувања.
На конференцијата ќе учествуваат околу 60 најеминентни научни истражувачи и професори од областа на религијата од 22 држави.
Најавено е учество на еминентни професори и истражувачи од областа на религијата од Србија, САД, Финска, Романија, Холандија, Оман, Грција, Италија, Бугарија, Белгија, Полска, БИХ, Хрватска, Унгарија, Швајцарија, Франција, Индија, Малта, Австралија, Азербејџан, Северна Македонија и Украина.
На Првата светска конференција ќе бидат презентирани најновите резултати од истражувањето во оваа област на меѓукултурниот и верскиот дијалог и соработка во светот, како што се: улогата на верските и културните институции во решавањето на верските конфликти во Европа и светот; спроведување на процесите на интеркултурализмот во пост-глобалната ера; спроведување на идеите на екуменизмот и неоекуменизмот во светски рамки; улогата на религијата во мирот и
конфликтот итн.
По завршувањето на Конференцијата, презентираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание Religious Dialogue and Cooperation издадено од Филозофскиот факултет во Скопје. Дополнително, ќе се изберат трудови кои ќе бидат објавени во книга.
OhridNews