Инвалидизираните лица и на овие избори се соочуваат со старите проблеми. Стружанката Мирјана Касели денеска не го оствари своето избирачко право во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, затоа што нејзиното гласачко место е на последниот кат од зградата до каде нема пристап за инвалиди.
– Се качив до пристапната рампа што ни е обезбедена за телесни инвалиди, за да можат со количка да се качат нагоре, ама на спратот имаше уште 20 скали. Така да нема пристап до кутијата. Ми вели- да си одите на другото гласање, на другиот круг. Прашуваат- други години како гласаше? Други години ми ја носеа кутијата пед вратата. Сега ми вели нема да гласаш, ускратено ти е правото. Ова прв пат ми се случува, изјави Мирјана Касели, гласач од Струга.
Изборниот процес во Струга течеше мирно, но од избирачките одбори забележуваат дека излезноста на овие локални избори до попладневните часови е многу ниска.
– Од нашето избирачко место со број 1859, од 543 гласачи излезени се 189 да гласаат, објаснува Гоце Лазарески – заменик претседател на избирачко место во 1589 Струга.
Од ОИК информираат дека не се забележани нарушувања на изборниот процес. На еднo избирачко место регистрирано е прекршување на изборните правила од страна на гласач, за што била инфоемирана полицијата.
– Имавме утрово кон 11 часот една забелешка дека го фатиле гласачот како го фотографира ливчето. Немаме други информации што се случило понатаму, изјави Бледор Зиба, претседател на ОИК Струга.
Според ОИК, во општина Струга до 17 часот беше 52.9% .