При изградба на индивидуална куќа веднаш над паркингот на улицата Илинденска, откриена е вредна ранохристијанска базилика која потекнува од IV или V век. Според директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, се работи за вредно откритие кое најверојатно е дел од Епископски двор кој археолозите очекуваа да го најдат на Плаошник.


Граделе куќа откриле базилика

„Пред 15 – 20 години на локалитетот Манчевци кој се наоѓа во близина беа откриени остатоци од Епископски двор кој е блиску до Света Софија. Сега при градбата на куќа на тројца сопственици излегоа мозаични подови и ѕидови со зачуван живопис на нив“, изјави за Ohridnews, Паско Кузман. Тој е сигурен  дека се работи за основи на ранохритијанска базилика со остатоци од мозаични подови кои како што рече не смеат да се допрат со ништо, поради што градбата е стопирана и започната е постапка за експропријација.


остатоци од ранохристијанската базилика

„Најпрвин мислевме  да ја спасиме ситуацијата со тоа што планирав тука да се направи една армирано бетонска плоча  над која ќе може да се гради куќа, а наодот да остане под неа. Но, во консултација со статичари се заклучи дека тоа не е изводливо и поради тоа ги стопиравме работите таму на  индивидуални станбени објекти и покренавме постапка за експропријација на просторот. Немаше што друго да се превземе бидејќи се работи за мошне значаен археолошки локалитет кој е врзан со локалитетот Манчевци во близина“ вели во изјавата за Ohridnews, Кузман.


охридските археолози го истражија просторот

Деновиве завршија истражувањата на локалитетот што ги вршеа археолози од охридскиот Завод и Музеј. Претпоставките се дека новоткриената базилика се протега и под околните веќе изградени куќи. Тој дел сега нема да се истражува затоа што, како што ни изјави Кузман, не постојат услови за тоа. „За да може да се открие целата ранохристијанска базилика ќе треба да урнеме 2-3 куќи што е невозможно во овие услуги. Прво е проблем да се најдат средства или замена  за местата на луѓето кои тука сакаа да градат куќи, а камо ли да се откупуваат други во близина или околината, и заради тоа работите ќе останат какви што се сега“, вели Кузман. Тој најави дека локалитетот ќе биде заштититен, по што ќе биде прзентиран на јавноста.


Охрид крие уште многу тајни-Паско Кузман

Ако се најдат уште некој остатоци од базилики ќе мора да се прифати оној термин,Јустинијана Прима,  вели по малку во шега, задоволниот Кузман. „Се разбира дека тоа е една мистификација но навистина олкав број на ранохристијански базилики говорат за тоа дека Лихнидос  во тоа време, денешен Охрид, бил многу богат со монументални, сакрални објекти кои што имаат големо значење за културната и духовната историја не само за Охрид туку и за Македонија и пошироко“, вели Кузман.

Горан Момироски