Филмот „Ке Д’Орсе“, на режисерот Бертран Таверние ќе го отвори 7-то издание на Фестивалот на француски филм, кој од 18 до 22 јуни 2014 година ќе се одржува во Скопје. Според официјалната програма на фестивалот, во Охрид ќе има само една фестивалска вечер, во која ќе биде прикажана само една филмска проекција.
На свеченото отворање фестивалот, кое ќе се одржи во киното „Милениум“ во Скопје, најавено е присуство на ексклузивни гости од француската кинематографија меѓу кои: режисерот Фредерик Шендорфер, композиторот Бруно Алексиу, продуцентите Фредерик Бурбулон и Ален Мајор, како и актерите Жаки Бероаје и Жозефин Де Мо. ( http://www.ifs.mk/mk/Home/CultureContent/936 )
На 19 јуни, во „Кинотека Македонија“ ќе има Проекција на кракометражни филмови на Домот на визуелните дејности на Долна Нормадија, а во киното „Фросина“ ќе има проекции на филмовите „Ив Сен –Лоран“ на Жалил Лепер и „Венера во крзно“ на Роман Полански. Истата вечер проекција на филмот „Ив Сен –Лоран“ ќе има и во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, каде што според најавите ќе треба да присуствуваат и дел од ексклузивните гости на фестивалот.
На 20-ти јуни во „Кинотека Македонија“ ќе биде прикажан филмот „Капетан Конан“ од режисерот Бертран Таверние. Истата вечер во кино „Фросина“ ќе има проекција на краткометражниот филм „Лудата розова лимузина“ на Жозефин де Мо, филмот „Газели“ од Мона Ашаш и „Покажете го јазикот госпоѓице“ од Аксел Ропер.
На 21-ви јуни во „Кинотека Македонија“ ќе има проекција на документарниот филм „Светлината на зората“ на Жан-Кристоф Розе, а во кино „Фросина“ ќе се прикажат филмовите „Од Трње“ на Ромен Никола и „Голгота“ од Фабрис ди Велц.
Фестивалската програма ќе заврши на 22-ри јуни во киното „Фросина“ во Скопје, со свеченост за доделување на Златна маска на фестивалот и проекција на филмот „96 часа“од Фредерик Шендорфер.
OhridNews