Започна разоружувањето на Србија, а според последните податоци од Службата за сузбивање на криминалот на МВР за еден ден се предадени околу 1.400 парчиња оружје, околу 45.000 парчиња муниција и околу 100 парчиња минско-експлозивни направи, јави дописникот на МИА од Белград.
Бојана Отовиќ Пјановиќ од Службата за сузбивање на криминалот на МВР прецизираше дека се предадени 765 парчиња оружје кое било во законска сопственост на нивните сопственици, 199 парчиња оружје на починати лица и 404 парчиња оружје кои не биле регистрирани.
Таа потсети дека министерот Братислав Гашиќ издал наредба да се објави рокот за легализација согласно законските овластувања и дека секој ден, до 8 јуни, граѓаните можат да го предадат оружјето во најблиската полициска станица или телефонски да се јават во полиција и да се договорат како да се предаде истото.
Таа потсети и дека граѓаните кои ќе го вратат оружјето нема да сносат никаква кривична одговорност и последици, ниту ќе треба да го докажат потеклото на оружјето и да донесат каква било документација.
Отовиќ Пјановиќ истакна дека тоа што најголемиот број оружје што било предадено било во легално поседување, покажува колку луѓето се вразумиле по тешките злосторства извршени во Србија минатата недела.
Таа најави и измени на Законот за оружје и муниција со кои ќе се заострат условите за издавање дозвола за оружје, а ќе се вршат и почести контроли од шест месеци до една година кои вклучуваат општа медицинска проверка, психијатриски, психолошки и офталмолошки преглед, како и тестирање за присуство на психоактивни супстанци.
На прашањето што ќе биде со оружјето што граѓаните го предаваат, Отовиќ Пјановиќ објасни дека МВР има јасно дефинирани процедури за постапување со тоа оружје и предвидува безбедни услови за складирање до постапката за уништување. Таа нагласи дека постои можност граѓаните по едноставна процедура оружјето да го предадат и во сопственост на Република Србија.
OhridNews