Температурите во Србија, трет ден со ред длабоко под нулата, поради што на територијата на целата држава е прогласен црвен метеоаларм, а во околината на Сјеница и на Пештерската висорамнина со снежните намети високи и од четири метри блокирани се повеќе од сто села, со околу 10.000 жители. Најкритична е состојбата на југот од Србија, а вонредната состојба е прогласена во општините Медвеџа, Сјеница, Алексинац и Блаце, од кои припадниците на Секторот за вонредни ситуации при МВР на Србија досега евакуирале најмалку 113 луѓе.
Во Сјеница во неделата утрото биле измерени минус 27 Целзиусови степени, во Лесковац -25, на Копаоник -24, во Куршумлија -23, а во Белград -14 степени, а за посилно чувство на студот придонесува повремениот ветер.
Проодни се сите сообраќајници од прв и втор приоритет, но проблемот е кај локалните патишта од третиот и четврт приоритет кои водат кон селата во Нишавскиот, Зајечарсиот, Пчињскиот и Сјеничкиот округ. Особено е опасен мразот на коловозите под снежните наноси, па на возачите им се препорачува дополнителна внимателност.
Од јавното претпријатие „Патишта на Србија“ апелираат да не се тргнува на пат без итна потреба, а хидрометеоролозите информираат дека студеното време ќе продолжи до среда со утрински температури од -18 до -10 степени, а во планинските области и до -25 Целзиусови степени.
OhridNews
извор Макфакс