Минималната цена на работен час во Србија од 1 јануари 2023 година ќе биде 230 динари (1,96 евра), а минималната плата 40.020 динари (341 евро), изјави министерот за финансии Синиша Мали по седницата на Социјално-економскиот совет (СЕС), јави дописникот на МИА од Белград.
Мали најави дека минималната плата ќе биде 40.020 динари (341 евро), што е зголемување за 14,3 отсто, додавајќи дека зголемувањето на минималната плата ќе доведе до годишно зголемување на деловните трошоци за 350 милиони евра и дека поради ова државата ќе ги растовари работодавците, така што дел од платата што не се оданочува ќе изнесува 21.712 динари (185 евра).
На овој начин ќе го покриеме трошокот што го носи минималната плата, за да ја намалиме можноста за отпуштања поради зголемувањето на минималната плата, рече Мали.
Претставниците на Сојузот на независни синдикати на Србија (СССС) и Обединетите гранкови синдикати (УГС) Независност бараат до крајот на годинава минималната плата да се зголеми на 43.000 динари (366 евра).
Минималната потрошувачка кошничка во септември вреди 51.000 динари (434 евра), а очекуваме до крајот на годината да биде 56.000 динари и дури тогаш ќе дојде минималниот приход да изнесува 40.000 динари. Замислете што ќе се случи во јуни следната година со 40.000 динари и со цените во Србија, што ќе може да купи тогаш едно тричлено семејство, предупреди Зоран Михајловиќ, секретар на Советот на СССС.
Тој додаде дека синдикатите сметаат дека до крајот на годината минималната плата треба да биде 43.000 динари, а за нејзината висина за 2023 година да се преговара во декември и во иднина да се утврдува двапати годишно.
Тој рече и дека ветеното зголемувањето на платите од 12 отсто е погрешно, бидејќи инфлацијата, која сега е околу 15 отсто, веќе ја има „изедено“.
OhridNews