Од Институтот за јавно здравје на Војводина соопштија дека во Србија се потврдени два случаи на заразени со вирусот Западен Нил, пациентите се на болничко лекување и се во добра општа состојба. Заразени комарци, кои ја пренесуваат болеста, досега се регистрирани на три локации во Србија – Белград, Ниш и Палиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Виролозите порачаа дека ова е период од годината кога се очекува да се појават заболени, бидејќи вирусот се пренесува со каснување на заразен комарец. Специфичен лек за болеста, која најчесто се јавува од јуни до октомври, нема, а нема ни вакцина. Пациентите се третираат со терапија која ги ублажува симптомите.

Лекарите велат дека нема потреба од паника, бидејќи 80 отсто од заболените немаат никакви симптоми и инфекцијата поминува незабележана. Околу 20 отсто од заразените имаат лесна клиничка слика, а во ретки случаи се јавуваат посериозни компликации, енцефалитис, кој може да биде фатален.

Од Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ наведуваат дека западнонилската треска е сезонско заболување, а вирусот го пренесуваат заразени комарци. Инфекцијата не се пренесува меѓу луѓето преку контакт. Сезоната на пренос на вирусот Западен Нил во Србија обично трае од јуни до ноември.

Вирологот д-р Нада Куљиќ Капулица вели дека западнонилската треска првпат била потврдена во Србија пред дваесет години, но дека во поранешна Југославија направиле тестови и докажале присуство на антитела, што значи дека болеста и порано била присутна кај населението.

Таа забележа дека западнонилската треска не е единствената болест што ја пренесуваат комарците. Тие се главните виновници за појава на вирусни заболувања како денга, зика, чикунгуња, маларија. Една од превентивните мерки за сите овие болести е борбата против комарците. Во Србија тоа се прави со запрашување, но и со испуштање на стерилни комарци во природата. Се покажа дека пуштањето на стерилни комарци е ефикасен начин за борба против азискиот тигрест комарец, кој носи многу заразни болести. Тој ја пренесува и западнонилската треска, но не е единствениот. Вирусот на Западен Нил го пренесуваат и домашните комарци.

Компликациите се исклучително ретки, најсериозен е вирусниот менингитис, кој може да доведе до смрт, вели Куљиќ Капулица.

OhridNews
Фото: freepik