Утрово околу 6:30 часот, два километри до Нова Градишка – Хрватска, во судар на VW Tuareg сребрена боја и камион, загина големиот македонски пејач  Тоше Проески.

Во возилото освен Тоше Проевски кој спиел на предното седиште бил и возачот  Ѓорѓи Ѓорѓевски (1975) и менаџерката Лилјана Петровиќ. Тие минале само со телесни повреди.

До несреќата најверојатно дошло поради недржење на растојание помеѓу возилата поради што џипот удрил во камионската приколка и излетал од патот. Се претпоставува дека возачот заспал.

Get the Flash Player to see this player.

 Тоше Проески 1981-2007

Прв негов официјален настап беше на детски фестивал, а во 1998 година по прв пат настапи на македонскиот избор на песна за евровизија со песната „Остани до крај“. Во тоа време започнува успешна соработка со композиторот Григор Копров од која соработка произлегоа многу хитови. Негов најголем хит е песната „Чија си“ која со месеци беше најслушана песна во Македонија, Србија и Црна Гора и Б и Х.

Беше македонски претставник на Евровизија во Истанбул во 2004 година каде со песната „Лајф„ го освои 14 место. Имаше успешна меѓународна кариера и беше многу популарен на балканските простори. Покрај тоа што беше извонреден пејач, Тоше беше и голем хуманист. Само пред десетина дена одржа хуманитарен концер на Градскиот стадион во Скопје за подршка на образованието на кој присуствуваа 30.000 негови обожаватели. Тоше ги полнеше арените ширум Балканот и беше првиот македонски пејач што одржа концерт пред преполната белградска арена.

Веста за неговата смрт беше шок за сите фанови низ Македонија и цела бивша Југославија. Една сателитска телевизија која комуницира со гледачите преку СМС пораки, денес буквално е пренатрупана со последни поздрави за „најголемата ѕвезда што се родила на овие простори“ (СМС порака од гледач од Босна и Херцеговина). Меѓу другите пораки стои „вечна да му е слава на балканскиот крал“ (СМС од Германија) или „Тагувај Македонијо го изгубивме најдобриот пејач, вечна му слава“ (СМС од Сараево) „Беше и остана најголема легенда. Ангелски гласу мој.“ (СМС од Холандија) „Тоше – замина од нас но ќе останеш вечно во нашите срца“ итн.

Еден од неговите најдобри другари, каратистот и светскиот вице-шампион Дејан Недев изјави дека цела македонска нација треба достојно да се прости од „водачот на нацијата“.

„Изгубивме голем човек, немам ни сила да ги составам правилно речениците во овој тежок момент“ со голема тага зборува и Борис Трајанов, македонскиот оперски пејач.

Имаше талент и неверојатни гласовни способности. Го сакаа сите, го почитуваа колегите. Балканот стана претесен за него, а подготвуваше албум на англиски јазик во Лондон кој требаше да му ги отвори вратите кон музичка Европа. Направи многу во својата кариера, но неговото време се чини допрва доаѓаше. Животот на големата ѕвезда згасна на 26 години

ohridnews