Во Софија денеска и утре треба да се одржи 22. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Последниот состанок на комисијата беше на 17 и 18 ноември, исто така во Софија. Главна тема беше улогата и местото на Охридската архиепископија и начинот на кој таа е претставена во учебниците за VII одделение во Република Северна Македонија.

Копретседателот од македонскиот дел на комисијата Драги Ѓоргиев, тогаш изјави дека на средбата имало позитивна и конструктивна атмосфера, меѓутоа договор не бил постигнат поради недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото.

Денешниот состанок на мешовитата комисија се одржува во атмосфера на тензии во односите меѓу Скопје и Софија кои кулминираа на 4 ферваури.

Ѓоргиев, минатата недела оцени дека последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на нејзината работа. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.

Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневнополитички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата комисија, изјави Ѓоргиев.

Според него, како да има тенденција да се нарушува континуитетот на мирните периоди во македонско-бугарските односи. За тоа дали може да се дојде до решение за Гоце Делчев и за другите спорни прашања, тој смета дека во актуелните услови на заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно.

Идејата на заедничко чествување на која било личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи какво било решение на комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и да тргнат во вистински правец. Така што мора политичката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и Комисијата да постигне одреден напредок, пред сè во однос на тие чувствителни теми како што е Гоце Делчев, вели Ѓоргиев.

Сепак, Ѓоргиев посочува и на она што досега го договориле македонските и бугарските историчари, а тоа е препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за цар Самуил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република, потпишан на 1 август 2017 година.

OhridNews