Во Собранието вечерва заврши расправата за избор на новата Влада. Собраниската седница продолжува утре во 12 часот. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поединечните предлог-имиња во новата Влада се доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува, а од владејачките партии, пак, сметаат дека се реализирани сите ветувања.
За пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, дискутабилно е прашањето дали станува збор за избор на нова влада, бидејќи, како што рече, изненадувачки е што целата гарнитура на стари ни нови активисти на СДСМ „пеат во еден глас“ дека ова е најдемократски чин по оставката на Зоран Заев.
Таа во своето излагање на собраниската седница рече дека во Владата на Ковачевски има 11 кадри на СДСМ, шест на ДУИ, три на Алтернатива и еден на ЛДП, а додаде дека владата на Ковачевски брои девет нови и 11 стари имиња.
Поединечните предлог-имиња се само доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува и даде шанса. ДУИ, пак, и покрај зелената агенда, докажува дека не е подготовена за никакви промени. Убедена сум дека и самата ДУИ знае дека и тоа како треба да се менува, но и да ги менува ликовите со сомнителни документи за завршено образование. Тоа не се ликови со кои ќе влеземе во Европската Унија. Помалите коалициски партнери во континуитет ја продолжуваат праксата на коалицирање, не смеејќи да не дадат глас и да се спротивстават за сметка на некое семејно вработување или некој тендер, рече Стојановска.
Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз во своето излагање нагласи неколку приоритети на кои треба новата влада да се посвети.
Прво, доста е со говори, стратегии, платформи за реформи во правосудниот систем, да направиме кредибилен судски систем, законите да важат за сите. Да обезбедиме фер судење и правда, да се преиспитаат монтираните судски процеси. Ако нема правда, нема ниту мир. Ако нема правна сигурност, бега капиталот, но и младите. Второ, од понеделник натаму, силна и бескомпромисна борба против тешките облици на криминал и високата корупција, рече Трајанов.
Тој напомена дека седум институции се вклучени во откривање и сузбивање на криминалот, но тие како што рече, се партизирани, некоординирани. Затоа пратеникот Трајанов предлага Закон за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, како и формирање на независна Агенција за борба против криминалот. Додаде дека е потребно да се отвори расправа за системски промени, преку промени на Уставот за јакнење на одговорноста, отворање на расправа за Бадентер, затоа што, како што рече, се злоупотребува или селективно се применува.
Имаме и конкретни идеи за младите, по завршување на високо образование, да можат да работат година дена во приватен сектор или државни институции, на сметка на Буџетот. За економските аспекти, енергетската криза, пандемијата и други значајни прашања ќе разговараме и во наредниот период. Но мораме да ги департизираме виталните државни институции, да им дадеме шанса на способните и креативните, на младите, додаде Трајанов.
Пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска во рамки на собраниската седница во својата реплика нагласи дека во 2017 година Владата предводена од СДСМ наследи девастиран здравствен систем, и мораше одново да го враќа дигнитетот професијата на лекарите и општо на сите здравствени работници.
Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.
OhridNews