Во Собрание не помина предлогот за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови на пациенти со цистична фиброза над 26 години. Како што биле информирани попладнево членови на Асоцијацијата за цистична фиброза, пациентите биле ослободени од партиципација уште во 2019 година. Но, оние со кои зборуваше МИА, велат дека сѐ уште си ги плаќаат лекарствата од сопствениот џеб.

МИА го контактираше претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар, кој ни кажа дека моментално се разговара во членството на оваа тема и се очекува одлуката за ослободување од плаќање на патарини и патни такси, предлог што допрва треба да го гласаат пратениците во Собранието.

Во меѓувреме, бил презентиран документ, со што пациентите со цистична фиброза влегуваат во оние пациенти кои се ослободени од партиципација од 2019 година.

Тој нагласи дека за ова, како Асоцијација, бараат решение подолго време и се надеваат дека и покрај гласањето против, и со документот од 2019 година дека лицата со цистична фиброза се ослободени од партиципација, конечно ќе се најде решение со што пациентите ќе се ослободат од овој финансиски товар.

Асоцијацијата за цистична фиброза претходно денеска на прес-конференција ја поддржа иницијативата за предлог законски измени за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови на пациенти со оваа болест постари од 26 години и ослободување од плаќање на патарини и патни такси.

Александар Стамболиски кој има 26 години, се осврна на трошоците околу терапијата за оваа болест, во просек месечно околу седум илјади денари за пациент со цистична фиброза. Ако има компликации, потребни се повеќе финансиски средства.

Моментално, 12 пациенти добиваат „трикафта“, лек со кој се олеснува болеста и лицата со оваа болест може да функционираат без проблеми. Асоцијацијата за цистична фиброза се бори лекот да го добијат сите пациенти во државата.

OhridNews

фото. МИА