Населението во Словачка е предупредено на зголемена опасност од пијани мечки кои дивеат во некои делови од земјата.
„Мечките во есен уживаат во презреаното овошје во близина на населбите, а оваа година поради топлите временски периоди, такво овошје има во изобилство“ – рекле од институтот за шумска екологија во Словачка.
За време на процесот на ферментација, зрелото овошје ослободува и релативно мало ниво на алкохол, но поради алчноста на мечките тие за кратко време можат да изедат големо количество овошје, а со тоа значително се зголемува нивото на алкохол во крвта. Може да се каже дека мечките се тотално пијани, додаваат од институтот.
Така пијаните мечки губат контрола врз однесувањето, имаат проблеми со рамнотежата, па ништо дури и близината на луѓето не може да им го расипе расположението. Затоа експертите предупредуваат дека е најдобро да се одбегнуваат пијаните ѕверови.