Вчеравечер, во центарот Јавна соба во Скопје беше отворена изложбата на охриѓанецот Алек Бимбилоски, „ Деновите на Тетрис“, исклучително интимно гледиште на еден светски патник претставено низ призма на фото запис.

Бимбилоски, кој моментално живее и работи во Охрид, живеејќи во значајните светски културни центри како Париз, Њујорк, Истанбул, успева да ги отслика миговите и животот на поединци во една субкултура, во едно поранешно време кое со својата оригиналност е предвесник и е од суштинско значење за развитокот на културните моменти и денешната субкултура којашто е делумно прифатена.

 

Во исто време авторот ја задржува и врската со своите корени во Македонија и преку одредени симболики компарира и поттикнува дебата и буди спомени. Изложбата е вешто осмислена компилација на фотографии регистрирани со аналоген фотоапарат, каде што во преставените интимни ситуации има едни кои се покогнитивни за нас и се истовремено општествено прифатливи, додека оние кои се разликуваат не се посакувани или се сметаат за крајно провокативни.

Експлицитноста и јачината на пораката од фотографиите, поттикнуваат критика и навраќање кон минатото, кон ерата пред дигиталната фотографија и интернетот кои ги донесоа со себе фотографиите со најинтимните мигови на еден човек во социјалните мрежи.

Алек Бимбилоски има објавувано фотографии на групните изложби МОДЕРНА ТУРЦИЈА – Petit Palais Paris, “СОНОТ И ГРАДОТ” – Центар на Модерна Уметност  Le Blanc Mesnil, “БОРБА”- Antwerp, за списанијата ” L’Officiel”-Paris, “Jalouse”-Парис, “Vogue”-Италиа, “Flaunt”- New York.

Центарот Јавна соба е отворен секој ден од 9:00 до 24:00ч. Влезот за сите посетители е бесплатен.

OhridNews