Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информираше денеска директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска. ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.

Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно, како што оцени, е поразувачки. Податоците се од списоците што биле доставени вчера до ДСЗИ од градинките, а акцијата ќе продолжи.

Од вчера ДСЗИ врши надзори низ градинките и издава решение за забрана за примање деца кои се невакцинирани или нецелосно против пертусис.

Директорите ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат забраната, а за тоа ќе провериме во текот на денов и во наредните денови, рече Младеновска.

Не е точно, вели таа, дека дете по примена вакцина против пертусис треба да остане дома 21 ден.

Од наша страна таква мерка не е издадена. Ниту пак од страна на министерот за здравство или од Комисијата за заразни болести. Апсолутно е неточно дека треба 21 ден да седи дома по вакцина, рече Младеновска на новинарско прашање.

Нагласи дека ДСЗИ постапува исклучиво по донесена препорака од Комисијата, односно по донесена одлука на министерот за здравство.

За тоа кога може да се очекуваат првични резултати дали се примале и невакцинирани деца во градинки деновиве, се надева оти во текот на оваа недела ќе има подетални информации.

Дали се примаат невакцинирани деца и доколку се примаат, ДСЗИ има можност да постапи по непочитување на решение, односно да изречи глоба и за правното лице и за одговорното лице во правното лице, подвлече Младеновска.

На прашање дали и сега за деца кои не можат да се вакцинираат поради оправдани здравствени состојби, валиден ќе биде само потребниот картон од Детска клиника, Младеновска рече дека постапуваат исто како и во епидемијата од морбили.

Во петокот, ДСЗИ излезе со соопштение за јавноста дека од понеделник, 11 март, ќе започне да врши вонредни инспекциски надзори во предучилишните установи на територија на град Скопје согласно добиената одлука од страна на Министерството за здравство и прогласена епидемија од Центарот за јавно здравје – Скопје.

Мајка на шестгодишно дете од општината Карпош за МИА изјави дека утрово од градинка во оваа скопска општина, биле враќани деца кои не биле целосно вакцинирани против пертусис. Родителите добиле и порака со која ги известуваат дека децата кои се вакцинираат со последната ревакцина може веднаш да присуствуваат во градинка.

OhridNews