Љубљанчанецот Мартин Груден кој во Сирија се борел како доброволец на страната на сириските Курди загинал на 27-ми јули во судирите со џихадистите на Исламската држава во околината на Манбиџ, објавија денеска курдски извори, а пренесуваат словенечките медиуми, јавува „Макфакс“.

Курдската милиција Единици за заштита на народот YPG преку социјалните мрежи објави дека во офанзивата на сирискиот северен град Манбиџ, кој е уште под контрола на Исламската држава, загинале двајца доброволци од западните земји, Словенецот Мартин Груден, познат под борбеното име Роди Чекдар и Британецот Дин Карл Еванс, и објави нивни фотографии во униформи.

Словенечката полиција наведе дека нема известување за смртта на Груден, но дека ја проверува таа информација. Истиот став го имале и во министерството за надворешни работи, од каде одбиле да ја коментираат информацијата.

Неколку млади словенечки државјани, преобратени во исламот, учествувале во војната во Сирија, главно на страната на џихадистите, а еден од нив неодамна по враќањето во татковината е екстрадиран во Италија поради истрага во којашто е осомничен дека во таа земја регрутирал борци за Исламската држава. 

OhridNews
извор:„Макфакс“