Саудиски авион со хуманитарна помош за жртвите од земјотресот слета утринава во градот Алепо во северна Сирија и тоа е првиот саудиски хуманитарен авион по повеќе од десет години, соопшти сириското Министерство за транспорт.

Авиони со хуманитарна помош пристигнуваат во Турција и Сирија по разорниот земјотрес на 6 февруари во кој загинаа повеќе од 35.000 луѓе во двете земји. На овој начин се стави крај на дипломатската изолација на сириската Влада.

Тоа е првиот авион од Саудиска Арабија што слета во Сирија по повеќе од една деценија, изјави анонимен претставник на сириското министерство.

Саудискиот авион донесе 35 тони храна, јави сириската новинска агенција Сана, додавајќи дека последниот саудиски авион слетал во Сирија во февруари 2012 година.

По земјотресот, според ОН, повеќе од 200.000 луѓе останале без покрив над главата.

Неколку арапски земји го изолираа сирискиот претседател Башар ал Асад откако Сирија беше суспендирана од Арапската лига кон крајот на 2011 година, по почетокот на граѓанската војна.

Саудиска Арабија ги прекина врските со сирискиот претседател во 2012 година и ги поддржа бунтовниците на почетокот на војната во март 2011 година.

Ријад вети помош за областите под контрола на Владата и бунтовниците во северозападна Сирија, каде што во земјотресот загинаа повеќе од 3.600 луѓе.

Од почетокот на војната во Сирија загинале повеќе од половина милион луѓе, додека речиси половина од населението е раселено. И пред земјотресот, на поголемиот дел од населението му беше потребна хуманитарна помош.

OhridNews