Охридските станоиздавачи се жалат дека надлежните не им  издаваат нови, ниту пак им ги продолжуваат решенијата за категоризација. Како што објаснуваат, освен што тоа се одразува на нивниот семеен буџет , трпат и туристите кои од пред неколку месеци резервирале сместување во станови или апартмани низ градот.

Сите станови во згради што гравитираат во централното градско подрачје се издаваат со легални документи. Многумина од нас се приморани да ги издаваат становите,  бидејќи на тој начин ги издржуваме нашите семејства, плаќаме кредити, издржуваме студенти. Одлука на надлежните е дали тоа ќе биде легално како до сега, или нелегално. Не смееме да дозволиме сопствените граѓани да станат криминалци, бидејќи тие секако ќе издаваат, само што ќе ги натераме да лажат дека гостите им се роднини, пријатели или познаници, а со тоа ќе се намалат уплатите од туристичка такса, велат станоиздавачите кои денес имаа кратка средба со раководителот на Секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов, со цел да ги изнесат нивните ставови и поплаки.

Апостолов објасна дека ваквите проблеми настанале затоа што издавањето на нови решенија, односно продолжување на оние кои биле издадени пред три години, се коси со законот за угостителска дејност во кој стои дека за објект кој располага со најмногу  дваесет легла може да се издаде само едно решение за вршење на угостителска дејност од мал обем, односно само едно лице може да ја врши оваа дејност.

Сметаме дека има нелогичност во ваквото законско решение бидејќи во оние објекти во кои повеќе лица издаваат соби под ист покрив,независно дали станва збор за индивидуални или колективни станбени објекти, им се ускратува можноста на сите оние кои што на овој начин би биле втори во однос на барањето за вршење угостителска дејност во мал обем, односно се оди со принципот прв дојден прв услужен. Поради тоа неколку месеци наназад бараме и ургираме во министерството  за економија за толкување и промена на членот во законот со што ќе им се овозможи на сите даватели на услуги во мал обем кои ги исполнуваат основните услови да им се овозможи под ист покрив да даваат услуги. И покрај нашите настојувања,  до сега имаме информација само дека одредени решенија биле направени и чекаат потпис ,изјави Апостолов.

Измените во законот следуваа по минатогодишната иницијатива на ХОТАМ за промени во законот, за стопирање на издавање  решенија за даватели на услуги од мал обем во  колективни станбени згради , со објаснување дека со тоа би се намалила сивата економија. Но, како што потенцираат од ТЛЕР ваквата состојба доведува до спротивен ефект, односно граѓаните кои легално ги издаваат становите ќе бидат принудени да работаат на црно затоа што на многу од нив издавањето станови на туристи им е единствен приход.

Во општина Охрид регистрирани се 420 станоиздавачи.

Т.К.